17 August 2023

Р’ѓа за југ

Кој југ кога сме западен? Барем така нè викаат.

Нема ко овој (домат) нема! Шматајќи над масата, а таму во Германија (дури во Германија завива Влатко Стефановски во позадина). Во беж кафуле се грицка гранола бар, слатка срам во гркланот; останат вкусот на доматот од двор.

На аеродром пак. Аеродромско кафе, на аеродром, а уствари во Пренцелберг, а правото дромско кафе со цигара у маало и спорт лајф во рака. 

диалог или монолог / не е битно

  • нема бе, многу се ладни германциве нема дружба нема спонтаност. ладни, нацисти
  • абе таму не знаеш, оди станува од сабајле трча со детето, па детете само на точак си оди во школо, па чисто средено.. друго е бе, друг менталитет.

фрлајќи целофан од кутијата цигари на улица. Ама скопска улица, што знае таа.

Освен 

бубашваби, мачки, мочки, леплива смрдлива прашина,

чекори на една жена што брза на зелено пазарче и го бара најдобриот беровски компир,

џамлии што се тркалаат во шлајки,

стакло од малку здивената последна партија серва пред чичко Коле да ја дупне топката,

истуреното ту-го кафе на Симона, подрипнувајќи, тргајќи се од колата што ја вози Армен секогаш пребрзо и секогаш мислејќи дека ќе ја импресионира неа, а она се плаши.

Што знае скопската улица освен да ги трпи чекорите кон кафичи, потскокнувањата на првачињата (брзај брзај прваче), кочиите на старо купуем иако и тие сега веќе доаѓаат повеќе со коли и дури снимени им се извиците.

Што знае таа скопска улица во маало, во центар, на Водно?

Освен да е средба на тинејџери кои беспарица седат на неа, ги имаат првите симпатии, првите другарства, го вкусуваат првиот горчлив вкус на пиво повеќе од она кога седеле во скут на дедо им кој им дал малку пена да пробаат. првиот вкус на рум-кола, доволно слатко за да не мора да се преправаат дека им е јако, одејќи накај парк по скопска улица, поздравувајќи ја комшијата- поздрави ми ја мајка ти и еј памет во глава! штом ја поминеш градите се шират пак и се враќаш во модусот на ребел тинејџер, веќе не комшиски пристојно дете. 

Што знае скопската улица?

Освен спонтаната помош на непознати кои туркаат туѓо југо додека не запали.

Што знае освен валкана вода од чистите теписи и фрлена вода по чекорот за да тргне со лесно?

Што знае освен да го одбива и шири звукот одбива и шири звукот на кафанските чалгии и да ги пречека бљувотините на луѓето кои претерале со ракија?

Што знае скопската улица освен коли кои брзаат на работа, возат до силбо во 2 часот по полноќ, пијано и од колата ечи Јелена, Каролина, Тупак, Гоце, Кендрик, Бијонсе..

Што знае скопската улица ?

Освен скриени катчиња, тајни чекори за тајни средби за признавање љубов кон својата другарка надевајќи се дека и она е геј. Па тука заедно рака за рака се оди по скопска улица, празна, во ниедно време, само канделабрите сведоци на таа прекрасност.

Што знае, освен парада за 08. Септември со војнички и полициски возила кои ја газат?

Го презира ли и она тоа и дали дупките нејзини никогаш поправливи се тивок протест против било која власт?

Што знае она освен скејтери и бе/ем/иксери како ја користат секоја нејзина површина за вежбање трикови?

Дали ги изброила лушпите од сончогледот изгрицкан од нејзините корисници?

Дали седи и пред да заспие брои градски автобуси?

Дали знае дека е првото место за свадбарско оро?

Дали знае дека ја пие крвта на безбројни сообраќајќи?

Што знае скопската улица освен дека води кон излез од градот?

Со кола полна тегли ајвар, канти сирење и тие пусти сочни домати. Право во Германија. Во подрум. На чиста улица, без дупка, досадна малку, некако без карактер, без спомени или со спомени што чекаат да бидат направени.