17 August 2023

90та

90та. Без грамтика. Со грешни интерпункциски знаци.

Милион работи се случуваат, источна и западна Германија се спојуваат, ѕидот паѓа,тетка ми оди на шопинг во западен Берлин и стои со милион кеси кај мајка ми пред врата.  

А мајка ми заљубена во македонец од Југославија, сонува за чоколади од Европа. Европа не континентот, туку мануфактурата од Скопје која постои од 1882 година, отворена од Влав од Штип или Румар како што би рекле самите Власи/Румари. Ова го прочитав некаде одамна, можеби и не е баш точно. До ден денес постои Европа, тогаш како мала мануфактура сега фабрика. Во 90та произведува над 8 тони чоколади и разно разни благи. Екот на фабриката за време на Југославија. Од тогаш го има тој носталгичен вкус што го разбираат само екс-ЈУ, пост СССР и можеби и жители на ДДР. Посебната состојка – правта на рамка од  титова слика.  

Се распаѓа по 45 години власт Комунистичката Партија Југославија, словените и хрватите се пакуваат додека Милан Панчевски – последниот претседател на Сојузот на комунистите на Југославија ветува дека ќе ја продолжи работата и никогаш не успева да го исполни тоа. Македонска работа. 

Татко ми во воз накај Берлин со југословенскиот пасош кој што за неполна година нема да вреди веќе ништо. Во радио низ се уште постоечка Југославија се слуша „хајде да лудујемо ове ночи„. Mоже првиот стих е еден последен комунистички обид – „не мораш бити богат и лјеп само буди добар и поклони ми цвет.„. 

Не знам во колку саат излегувам од утробата на мајка ми ама знам дека за време на многу искачања подоцна во град,  и се јавувам – Ало Мам, во колку саат сум родена? / Сабајле накај 4, а татко ми во позадина накај 7 беше – а мајка ми – ваљда знам детето кога сум го родила. Јас се раѓам и на татко ми му плазам јазик, може тоа ми е мојата лична peccatum hereditarium – мојата лична original sin, казнувајќи ме за се што следи понатаму во односот со татко ми. А мене само ми треба да знам во колку часот сум родена за да изгуглам кој ми е подзнакот во хороскоп. Ќе ми кажеше, дури и ќе видеше во извод од матични од Берлин и јас до следниот пат кога ќе ми беше потребно да си го знам подзнакот ќе заборавев. 

90ти. Вкусот на чунга лунга, тврд со онаа погоре споменатата прав. А уствари веќе сите џвакаме хуба буба и место сокчиња од фруктал пиеме кока кола. Поточно мајка ми не ми даваше кока кола или било каков таков газиран шеќерен сок. Не знам дали точно ми забрани или едноставно немаше некогаш дома. Дали беше тoa отпор од навика  против т.н. Класенфајнд ( непријател на пролетаријатот или во ДДР се што е БДР) или тоа германското здраво хранење, не дознав никогаш, не ме ни интересираше. Битно добро ми дојде подоцна кога бев анархистка и панкерка да кажам дека јас не пијам такви работи – мислејќи на такви империјалистички производи. Сепак јас сум дете на истокот, дете на неврзаните, дете на мајка која пеела антифашистички песни и татко кој што бил еден од првите во капиталистичка ВМРО. Дете кое подоцна во 2000те слушала за 90тите и тие станале нејзините 2000ти. Ена Веко, Прљаво Казалиште и Студени Нозе се слушале како да сум растела со нив, а не Бритни Спирс. Стварно не, со другарките слушавме Ace of Base – All that she wants, исто бенд од 90тите. Каква е таа чудна носталгија за 90тите на мојата генерација?